Даноци и такси

Данок на имот се плаќа на земјишта (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите - станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административни згради и административни простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив. Обврзникот на данокот на имот е должен да поднесе даночна пријава до 31 јануари во годината за која се врши утврдување на данокот. Обврзникот на данокот на имот кој еднаш поднел даночна пријава нема обврска за истиот имот да поднесе нова пријава доколку нема промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава кои имаат влијание врз висината на даночната обврска.

Институција која ја дава услугата

Барањето се поднесува до општината во местото каде што се наоѓа имотот, а за општините во Градот Скопје надлежен е Градот Скопје.

Потребна документација

  1. Пополнета даночна пријава, со прилог со податоци за недвижниот имот. Формуларот за даночната пријава може да го најдете овде: https://www.finance.gov.mk/files/u8/di_prijava_za_danok_na_imot.pdf или да го подигнете од просториите на општината/Град Скопје.

Напомена: Во горниот лев агол на пријавата се наведува општината во која се наоѓа имотот.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да најдете на интернет страниците на општините и Градот Скопје.

Данок на промет на недвижности се плаќа на секој пренос, со или без надоместок, на правото на сопственост, како и на друг начин на стекнување на недвижности помеѓу правни и физички лица. Даночната обврска настанува со денот на склучувањето на договорот. Обврзник на овој данок е физичкото и правно лице – продавач на недвижности, освен ако во купопродажниот договор не е одредено поинаку. Основа за пресметување на овој данок е пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанувањето на обврската. Стапките на овој данок изнесуваат од 2% до 4% од вредноста на имотот. Висината на стапките ја утврдува советот на општината.

Институција која ја дава услугата

Општината каде што се наоѓа имотот, додека за општините кои се наоѓаат во Скопје задолжен е Град Скопје.

Потребна документација и трошоци

  1. Пополнета даночна пријава која може да ја подигнете во просториите на вашата локална самоуправа, или да најдете на следниов линк https://finance.gov.mk/files/u8/di_pn_prijava_za_danok_na_promet.pdf (пријавата се однесува на Град Скопје, но истата важи за сите локални самоуправи)
  2. Зависно од основот на прометот: договор за купопродажба (број на примероци наведени во договор или нотарски акт), договор за замена, договор за доживотна издршка (во одредени случаи локалната самоуправа може да побара извод од матична книга на умрените или правосилно решение за запрена оставинска постапка, како и извод од матичната книга на родените на подносителот на пријавата), правосилна судска одлука, извршно решение, договор за физичка делба, потврда од Централен регистар за отворена стечајна/ликвидациона постапка (за правни лица) или друг документ врз основа на кој се стекнува недвижноста
  3. Доказ за сопственост на недвижноста (имотен лист, поседовен лист или претходно заверен доказ за сопственост). Зависно од локалната самоуправа и основот на прометот може да биде побарано овој документ да не биде постар од 6 месеци или дури и да не биде постар од 15 денови, како и ви биде побарано да оставите фотокопија, а оригиналот да го презентирате на увид на службеникот
  4. Доказ за платени административни такси (заверена уплатница), или уплата со платежна картичка на лице место – доколку локалната самоуправа располага со таква можност
  5. Во одредени локални самоуправи може да бидат побарани и фотокопии од лични карти (или тековни состојби доколку се работи за правни лица) и доказ за платени трошоци на постапка кои се вон погоре спомнатите административни такси (износот и ги утврдува локалната самоуправа)

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да најдете на интернет страниците на општините и Градот Скопје, како и на следниот линк: https://finance.gov.mk/mk/node/4445
Наследниците на недвижен и на подвижен имот (готовина, моторни возила, парични побарувања, хартии од вредност и друго), односно примателите на ваков подарен имот плаќаат данок на наследство и подарок. Наследник или примател од прв наследен ред е ослободен од плаќање данок; за обврзник од втор наследен ред данокот се пресметува по стапка од 2% до 3% од пазарната вредност на имотот, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот по стапка од 4% до 5%.

Институција која ја дава услугата

Надлежната локална самоуправа.

Потребна документација и трошоци

  1. Пополнета даночна пријава која може да ја подигнете во просториите на вашата локална самоуправа, или да ја најдете на следниов линк http://www.skopje.gov.mk/images/File/E-servisi/nasledstvo.pdf (пријавата се однесува на Град Скопје, но истата важи за сите локални самоуправи)
  2. Зависно од основот: договор за подарок на недвижен имот, договор за подарок на подвижен имот, правосилно решение за оставинска постапка (може да биде побарано и записник односно спогодба за судско порамнување односно физичка делба), договор за пренос на удел, или друг документ со кој се потврдува друг правен основ за стекнување на имотот
  3. Доказ за сопственост на имотот (имотен лист, доказ за сопственост на хартии од вредност, доказ за сопственост на парични средства). Зависно од локалната самоуправа и основот на прометот може да биде побарано овој документ да не биде постар од 6 месеци или дури и да не биде постар од 15 денови, како и ви биде побарано да оставите фотокопија, а оригиналот да го презентирате на увид на службеникот
  4. Зависно од основот: извод од матична книга на родени, извод од матична книга на умрени, извод од матична книга на венчани
  5. Доказ за платени административни такси (заверена уплатница), или уплата со платежна картичка на лице место – доколку локалната самоуправа располага со таква можност

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да најдете на интернет страниците на општините и Градот Скопје, како и на следниот линк: https://finance.gov.mk/mk/node/4445
Административна такса се плаќа според одредбите на Законот за административните такси за списите и дејствата во управните работи кај органите на државната управа и органите на локалните самоуправи. Доколку имаат јавни овластувања што им се доверени со закон и решаваат во управните работи по барање на странките, во вршењето на овие работи како органи се сметаат и трговските друштва, здруженијата на граѓани и другите правни лица.

Институција која ја дава услугата

Институциите кои се овластени да наплатуваат административна такса.

Потребна документација

Административната такса се плаќа со праќање на СМС порака од мобилен телефон на бројот 144 166 со текст „TM име презиме износ“ (име и презиме и износ се заменува со податоци за лицето за кое се плаќа административна такса и конкретниот износ). По праќањето на пораката повратно добивате трансакциски код кој е составен од 10 броеви, кој треба да го впишете во поднесокот или треба да го приложите на службеникот.

Уплаќањето може да се изврши и со уплатница ПП50. Личните податоци на уплатницата (име, презиме, адреса на живеење и ЕМБГ), задолжително треба да бидат од лицето што го поднесува образецот што подлежи на административна такса. Како примач на уплатницата се наведува Трезорска сметка, со број на трансакциска сметка: 1000000000-630-95. Во полето банка на примачот се впишува НБРСМ. Подолу во уплатницата се наведуваат следниве уплатни сметки и приходни шифри (ознаката XXX кај уплатната сметка се заменува со троцифрената шифра на релевантната локална самоуправа која можете да ја видите на овој линк линк):
  • Конзуларни такси: уплатна сметка – 840-XXX-03140; приходна шифра – 722312
  • Административни такси во готови пари: уплатна сметка – 840-XXX-03161; приходна шифра – 722313
  • Административни такси кои се плаќаат за списите и дејствијата кај органите на општината: уплатна сметка – 840–XXX-03182; приходна шифра – 722315
  • Административни такси кои се плаќаат за списите и дејствијата кај органот надлежен за царина: уплатна сметка – 840-XXX-03114; приходна шифра – 722317
  • Административни такси за индустриска сопственост: уплатна сметка – 840-XXX-03135
  • Административна такса за увоз, извоз и транзит на стока: уплатна сметка – 840-XXX-03413; приходна шифра – 722322
Комуналните такси се давачки што се плаќаат за користење одредени права, предмети и услуги од јавен интерес и локално значење, од страна на правните и физичките лица кои вршат дејност како и од граѓаните и истите се плаќаат за:
  1. секоја фирма, односно назив на деловна просторија;
  2. користење на површини во кампови за подигање на шатори и друга слична привремена употреба;
  3. користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност;
  4. истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места; користење на музика во угостителските објекти и нивните бавчи и тераси;
  5. поставување на витрини за изложување на стоки надвор од деловните згради;
  6. користење на плоштадите и друг простор во градовите и другите населени места со цел за изложување предмети, приредување изложби и други забавни приредби за вршење на дејност;
  7. користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината;
  8. користење на улиците со патнички, товарни моторни возила, автобуси, специјални возила и мотоцикли и користење и одржување на јавно осветлување.

Институција која ја дава услугата

Советите на локалните самоуправи.

Потребна документација и трошоци

Наплатата на комуналните такси за користење на површините во кампови за подигање на шатори и друга слична привремена употреба, за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност, за користење на простор за паркирање на моторни возила и нивните приколки, мотоцикли, мотори и велосипеди, за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и за користење и одржување на јавното осветлување се врши без издавање на решение во рамките на износот утврден во Тарифата на комуналните такси што со одлука ја утврдува советот на локалната самоуправа.

Комуналната такса за користење на просторот за паркирање се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање. За користење на просторот за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила, автобуси и приколки на јавни паркиралишта се наплаќа комунална такса во висина од 10% до 20% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.
Градоначалникот на локалната самоуправа, со решение ќе ја утврдат висината на таксата во годишен износ и ќе го задолжат обврзникот да ја плати таксата во рок од 30 дена од денот на приемот на пријавата. Обврзникот на комуналната такса, кој не ќе поднесе навреме пријава, ќе се задолжи, покрај со редовната такса со зголемена такса од 30%.

Ако во текот на годината настане обврска за плаќање на комуналната такса или настанат промени кои доведуваат до плаќање такса во поголем или помал износ, обврзникот на таксата е должен во рок од 15 дена од денот на настанатата обврска или настанатата промена за тоа да поднесе пријава до локалната самоуправа.

Потребни документи за комунална такса за фирма (фирмарина):
  1. Барање за утврдување и наплата на данок на комунална такса за фирма
  2. Уплата на административна такса: на лице место со платежна картичка или со приложување оригинален заверен образец ПП 50
  3. Тековна состојба на правното лице издадена од Централниот регистар
  4. Решение за извршена промена издадено од Централниот регистар
  5. Полномошно
При поднесување на документацијата, задолжително се внесува контакт телефон, поради доставување на известување за статусот на предметот преку СМС.

Дополнителни информации

Повеќе информации на следниов линк: http://www.skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=808