Недвижности

Запишувањето на правото на сопственост во катастарот на недвижности значи пренесување на правото на сопственост на определена недвижност од едно на друго лице. По запишувањето на правото на сопственост во катастарот на недвижности, физичкото, односно правното лице, треба да добие имотен лист како официјален доказ за сопственост на определена недвижност.

Институција која ја дава услугата

Одделението на Агенцијата за катастар на недвижности во местото каде што се наоѓа имотот.

Потребна документација

  1. Солемнизиран договор (договор заверен на нотар, со што нотарот потврдува дека содржината на договорот е во согласност со волјата на договорните страни и дека тие своерачно го потпишале) за купопродажба или нотарски акт (Нотарски акт е задолжителен за сите правни работи кои лично ги преземаат глуви лица кои не знаат да читаат или неми лица кои не знаат да пишуваат), со одредба за платен данок на промет на недвижности;
  2. Извештај за процена на пазарната вредност на недвижноста од овластен проценувач;
  3. Пресметка на данок на промет изготвен од страна на овластен проценувач;
  4. Пополнета даночна пријава за данок на промет со недвижности. Формуларот за даночната пријава можете да го најдете на овој линк: https://www.finance.gov.mk/files/u8/di_pn_prijava_za_danok_na_promet.pdf или во просториите на Агенцијата за катастар на недвижности. Напомена: Во горниот лев агол на пријавата се пишува името на општината во која е лоциран имотот.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата можете да најдете на овој линк: http://www.katastar.gov.mk/услуги/запишување-на-промена-во-катастарот-н/

Под утврдување на правен статус (легализација) се подразбира запишување на бесправниот објект во јавната книга за запишување на правата на недвижности (Катастар на недвижности) и негово вклопување во урбанистичко- планската документација на начин и во постапка утврдени со закон.

Институција која ја дава услугата

Единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е објектот.

Потребна документација

  1. Пополнето барање за утврдување на правен статус на објекти. Формуларот за барањето можете да го најдете на овој линк.
  2. Уверение за државјанство или копија од лична карта за домашно физичко лице, односно дозвола за постојан престој за странско физичко лице, а за домашно и странско правно лице, извод од Централниот регистар на Република Македонија, односно од соодветната институција во државата во која странското правно лице има седиште.
  3. Доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон.
  4. Геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект со имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да најдете на овој линк.

Секоја градба, во зависност од намената, треба да ги исполни основните барања за градбата предвидено со решението за локациски услови и други услови пропишано со посебните закони.

Институција која ја дава услугата

Градоначалникот на надлежната општина. Барањето за одобрение за градба се прави по електронски пат на веб страницата: https://www.gradezna-dozvola.mk/

Потребна документација и трошоци

  1. Извoд oд урбанистичкo-планска дoкументација (детален урбанистички план/урбанистички план или урбанистички план за село или државна односно локална урбанистичка планска документација)
  2. Архитектонско-урбанистички проект заверен од надлежен орган, доколку со урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација е предвидена изработка на овој проект
  3. Основен проект
  4. Извештај за ревизија на основниот проект или писмен извештај со согласност за нострификација на основниот проект, доколку истиот е изработен во странство
  5. Доказ за право на градење (имотен лист со запишано право на сопственост или право на долготраен закуп односно право на службеност на градежното земјиште на барателот или договор за пренесување на правото на градење на предметното градежно земјиште)
  6. Геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште
  7. Доказ за извршена уплата на административна такса
  8. Полномошно

Дополнителни информации

Повеќе информации за користење на услугата може да најдете на овој линк: https://www.gradezna-dozvola.mk/Documents/E-dozvoli_upatsvo%20za%20podnositeli_koregirano.pdf
Градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија може, по пат на јавно наддавање, да се даде на краткотраен закуп на домашни и странски физички и правни лица. Закупот може да трае најмногу до пет години заради поставување на времени објекти и заради организирање на градилиште врз основа на проект за подготвителни работи пропишан согласно со Законот за градење. По исклучок, земјиштето предвидено за плажи пред изграден угостителски објект, како и земјиштето за организирање на градилиште се дава под краткотраен закуп со непосредна спогодба и тоа на сопствениците на угостителски објект пред кој е предвидена плажа, како и на правни и физички лица за потребите за формирање на градилиште. Градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија се дава под долготраен закуп со непосредна спогодба по поднесено барање од физичко или правно лице кое се поднесува на електронски начин.

Институција која ја дава услугата

Општините и Градот Скопје на чие подрачје се наоѓа градежното земјиште. Постапката за јавно наддавање ја спроведува Комисија, која ја формира градоначалникот на локалната самоуправа.

Потребна документација

Во случај на постапка на јавно наддавање, Комисијата е должна на денот на објавувањето да ги објави податоците и целокупната документација за градежните парцели на интернет страницата на која ќе се врши наддавањето. Заинтересираните лица електронски поднесуваат пријава за учество на јавно наддавање во која се наведени:
  1. податоците за која градежна парцела се однесува пријавата
  2. подносителот на пријавата
  3. трансакциска или жиро-сметка на која ќе биде вратен депозитот за учество на јавното наддавање

Со одобрување на пријавата, системот автоматски генерира корисничко име и лозинка кое автоматски се доставува на адресата за електронска пошта на подносителот. Најповолниот понудувач во рок од 15 дена од денот на завршувањето на постапката за јавно наддавање е должен да ги уплати средствата, а до Комисијата да достави доказ за извршената уплата со целокупната документација потребна за учество на јавното наддавање.

Во случај на постапка со непосредно спогодување, сопствениците на угостителски објект пред кој е предвидена плажа, како и лицата кои сакаат да формираат градилиште поднесуваат:
  1. барање кое може да се преземе на следниот линк http://www.mtc.gov.mk/media/files/kratkotraen_zakup.pdf
  2. извод од урбанистички план или урбанистичка планска документација
  3. урбанистичко техничка документација за уредување на плажа, односно проект за подготвителни работи за организирање на градилиште, не постар од 6 месеци
  4. геодетски елаборат за нумерички податоци изработен врз основа на урбанистичко-техничката документација, односно проект за подготвителни работи
  5. доказ за сопственост на угостителскиот објект пред плажа (имотен лист не постар од 1 месец), односно извод од урбанистичка планска документација за објектот за кој се врши организација на градилиште (не постар од 6 месеци)
  6. имотен лист за градежното земјиште кое треба да се закупи, не постар од 1 месец и
  7. уверение за историски преглед на извршените запишувања во Агенцијата за катастар на недвижностите за предметното градежно земјиште за периодот од кога е востановен катастар на земјиште во катастарската општина, со идентификација на катастарска парцела и катастарска општина (не постаро од 6 месеци)
  8. доказ за регистрација за подносител-правно лице, или фотокопија од лична карта или пасош за подносител-физичко лице
Документите кон барањето се поднесуваат во оригинал или нотарски заверена фотокопија.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да најдете на интернет страницата http://www.gradezno-zemjiste.mk/