Здравствено осигурување, боледување и парична помош

Задолжително се осигуруваат:
1) самовработено лице, лице вработено во установа, јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје или во приватен субјект;
1-а) извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво, доколку не е осигурен по ниеден друг основ;
1-б) лице кое има краткотрајно вработување во согласност со Законот за агенциите за привремени вработувања;
2) државјанин кој на територијата на земјата е вработен кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва, во лична служба на странски дипломатски и конзуларни претставништва или е во лична служба на странци, доколку со меѓународен договор поинаку не е определено;
3) самовработено лице;
4) индивидуален земјоделец;
5) верско службено лице;
6) привремено невработено лице додека прима паричен надоместок од осигурување во случај на невработеност;
7) наш државјанин вработен во странство, ако за тоа време не е задолжително осигурен кај странски носител на осигурување според законот на земјата во која е вработен, или според меѓународна спогодба, а имал живеалиште на територијата на земјата непосредно пред засновањето на работниот однос во странство - за членовите на семејството кои живеат во земјата;
8) корисник на пензија и надоместок на плата според прописите на пензиското и инвалидското осигурување;
9) Наш државјанин кој прима пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување од држава со која немаме склучено/преземено Договор за социјално осигурување или, пак, имаме склучено/преземено ваков Договор, но во него не е регулирана можноста за остварување на право на здравствено осигурување, додека престојува на територијата на Републиката;
10) лице корисник на постојана парична помош; лице со статус на признаен бегалец; лице под супсидијарна заштита; лице сместено во згрижувачко семејство; лице сместено во установа за социјална заштита (за институционална и вонинституционална заштита); корисник на паричен надоместок за помош и нега од друго лице; лице кое до 18-годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, најмногу до 26 години, а користи социјална парична помош; лице - жртва на семејно насилство за кое се презема мерка на заштита во согласност со Законот за семејството и лице опфатено со организирано самостојно живеење со поддршка, ако не може да се осигура по друга основа;
11) странец кој на територијата на земјата е во работен однос или служба на странски физички и правни лица, меѓународни организации и установи или странски дипломатски и конзуларни претставништва ако со меѓународен договор поинаку не е определено;
12) странец кој се наоѓа на школување или стручно усовршување во Републиката ако со меѓународен договор поинаку не е определено;
13) лице на издржување на казна затвор, лице кое се наоѓа во притвор (ако не е осигурено по друга основа) и малолетно лице кое се наоѓа на извршување на воспитна мерка упатување во воспитно-поправен дом, односно установа и
14) учесник во НОВ и учесник во Народноослободителното движење во Егејскиот дел на земјата, воен инвалид и членовите на семејствата на паднатите борци и умрените учесници во НОВ, како и цивилните инвалиди од Втората светска војна, лицата прогонувани и затворани за идеите на државната самобитноста и нејзината државност, на кои тоа својство им е утврдено со посебни прописи и членовите на семејствата и родителите на лицата-граѓани на државата, загинати во војните при распадот на СФРЈ;
15) наш државјанин кој не е задолжително осигурен по една од точките од 1 до 14 на овој член.

Институција која ја дава услугата

Барањето за пријава-одјава за задолжително здравствено осигурување се поднесува до подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување.

Потребна документација и трошоци

1. Пополнето барање за пријава-одјава-промена за задолжително здравствено осигурување. Формуларот на барањето можете да го најдете на овој линк: http://www.fzo.org.mk/wbstorage/files/zo1.pdf, како и во просториите на Фондот за здравствено осигурување.

Услугата не се наплаќа.

За лицата од точките 1, 2 3, 5, 7, 8, 9, 10,11,12, 13,14 и 15 погоре потребно е да се достави и здравствена легитимација.

Индивидуален земјоделец потребно е да достави и имотен лист или поседовен лист (не постар од 6 месеци) или Уверение од УЈП за остварени приходи од вршење на земјоделска дејност или договор за закуп на земјоделско земјиште.

Лицата кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување и активно бараат работа потребно е да достават и лична карта на увид; доказ дека лицето се пријавува во АВРМ (копија од картон или потврда); извод од матична книга на родени ( копија), односно венчани.

Државјаните кои не се задолжително осигурени по една од точките од 1 до 14 погоре кон пријавата за задолжително здравствено осигурување приложуваат:

  • барање за прием во задолжителното здравственото осигурување;
  • извод од матична книга на родени, односно венчани, во копија;
  • лична карта во копија, со согласност на подносителот на пријавата и
  • здравствена легитимација.

Граѓаните кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување кон пријавата за задолжително здравствено осигурување приложуваат:

  • барање за прием во задолжителното здравственото осигурување;
  • извод од матична книга на родени, односно венчани, во копија;
  • лична карта во копија, со согласност на подносителот на пријавата и
  • здравствена легитимација.

За осигурените лица - членови на семејството, кон пријавата се поднесува доказ со кој се докажува сродството со осигуреникот (извод од матична книга на венчани, извод од матична книга на родени или решение од Институција која ја дава услугата).

За децата на осигуреникот на возраст над 18 години, кон пријавата се поднесува и потврда за редовно школување.

За децата кои се или ќе станат неспособни за самостоен живот и работа, кон пријавата се поднесува решение дека детето е неспособно за самостоен живот и работа според прописите за пензиското и инвалидското осигурување, односно за социјална заштита.

Дополнителни информации

Дополнителни информации за услугата можете да најдете на: http://www.fzo.org.mk/default.asp?ItemID=8EA29900A5538440 B67AEFD26FED42F3

Право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда можат да остварат следните лица кои се здравствено осигурени:

  1. работник во работен однос кај правно лице, самовработено лице, во установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје; 
  2. наш државјанин кој на територијата на државата е вработен кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва, во лична служба на странски дипломатски и конзуларни претставништва или е во лична служба на странци, доколку со меѓународен договор поинаку не е определено и 
  3. самовработено лице. 

Ова право следува во случај на: болест и повреда надвор од работа;  повреда на работа и професионална болест; лекување и медицинско испитување; негување на болно дете до тригодишна возраст; негување на болен член на потесното семејство над тригодишна возраст, но најмногу до 30 дена; неопходно придружување на болно лице упатено на преглед или лекување надвор од местото на живеење; неопходно придружување на болно дете до тригодишна возраст додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена; доброволно давање на крв, ткиво или орган и изолираност поради спречување на зараза.

Институција која ја дава услугата

Барањето за надоместок на плата поради болест/нега се поднесува до подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување.

Потребна документација и трошоци

  1. 1. Пополнето барање за надоместок на плата поради болест/нега. Формуларот за барањето можете да го најдете на овој линк: http://www.fzo.org.mk/WBStorage/Files/, како и во просториите на Фондот за здравствено осигурување.
  2. Извештај за привремена спеченост за работа - образец ИСР од избран лекар;
  3. Изјава заверена на нотар за трансакциските сметки за правното лице и копија од изводи за промет и состојба на трансакциските сметки (само за правно лице со еден вработен);
  4. Наод, оценка и мислење од лекарска комисија;
  5. Доказ за трансакциска сметка на подносителот на барањето.

Услугата не се наплаќа.

Дополнителни информации

Дополнителни информации за услугата можете да најдете на: http://www.fzo.org.mk/WBStorage/Files/Upatstvo_za_popolnuvawe_na_N1.pdf

Право на постојана парична помош има лице кое е неспособно за работа и кое нема приходи или чии приходи по член на семејство се помали од 5.000 денари, усогласени со порастот на трошоците на живот за претходната година.

За неспособно за работа, се смета лице кое:

  1. со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој и лице со комбинирани и други пречки во развојот кое поради степенот на попреченоста не може да се стекне со образование, како и лице со телесна попреченост поради која е неспособно за работа;
  2. душевно заболено лице и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што е неспособно за работа;
  3. самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител во согласност со Законот за семејството до три години возраст на детето;
  4. дете без родители и без родителска грижа кое нема приходи врз основа на имот и не остварува средства но најмногу до 18-годишна возраст и
  5. лице постаро од 65 години.

Постојаната парична помош се обезбедува за носителот на правото и друг член на семејството, неспособен за работа. Право на постојана парична помош како соуживател има и дете до навршени 18 години живот или до 26 години живот, ако е на редовно школување.

Висината на постојаната парична помош изнесува:

  1. За носителот на правото 4.306 денари,
  2. За носител и друг член на семејството, висината на правото изнесува 6.028 денари и
  3. За носител и два или повеќе членови на неговото семејство, висината на правото изнесува 8.312 денари.

Институција која ја дава услугата

Центарот за социјални работи во местото каде што барателот има живеалиште.

Потребна документација и трошоци

  1. Пополнето барање за остварување на правото на постојана парична помош. Формуларот за барањето можете да го најдете овде: https://www.pravdiko.mk/category/obrasci/socijalna-zastita/ или во соодветниот Центар за социјални работи.
  2. Важечка лична карта за државјани или дозвола за постојан престој на странец или лична карта за признат бегалец ... или лична карта за лице под супсидијарна заштита ..., која се доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството, или поднесено барање за признавање право на азил;
  3. Извод од матична книга на родените;
  4. Извод од матична книга на венчаните, доколку лицето е во брак;
  5. Извод од матична книга на умрените, за починат член на семејството;
  6. Пресуда за развод на брак, доколку лицето е разведено;
  7. Имотен лист;
  8. Потврда за остварени приходи од плата во земјата или странство;
  9. Потврда за остварена пензија во земјата или странство, за пензионери;
  10. За невработено лице кое не е во евиденцијата на Агенцијата за вработување потребна е листа на регистрирани податоци за остварен стаж (од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување доколку стажот е остварен во земјата);
  11. Уверение за остварени годишни приходи од Управата за јавни приходи;
  12. Пресуда за определена законска издршка доколку со судска пресуда е утврдена законска издршка;
  13. Потврда за редовен студент од високообразовна институција, доколку член на семејството е студент и
  14. Извештај за наод и мислење од матичен лекар и медицинска документација.

Услугата не се наплаќа.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата може да се најдат на: http://www.mtsp.gov.mk/uslugi-ns_article-pravo-na-postojana-paricna-pomosh.nspx

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице поради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби.

Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.409 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година.

Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.900 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година.

Правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице мирува за време додека лицето е згрижено подолго од 30 дена во здравствена или друга установа.

Институција која ја дава услугата

Барањето се поднесува до Центарот за социјални работи во местото каде што барателот има живеалиште.

Потребна документација и трошоци

  1. Копија на важечка лична карта за државјани, дозвола за постојан престој на странец, копија од лична карта за признат бегалец, или копија на лична карта за лице под хуманитарна или супсидијарна заштита
  2. Мислење од матичен лекар за потребата од помош и нега од друго лице и
  3. Медицинска документација (специјалистички извештај, отпусна листа и друга медицинска документација)

Услугата не се наплаќа.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугите не можат да се добијат на интернет, туку граѓаните можат да се обратат до центрите за социјална работа и нивните подрачни канцеларии преку телефонските контакти достапни на: http://www.mtsp.gov.mk/institucii.nspx