Образование

Во  прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. Децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година. По  исклучок,  детето  може  да  се  запише  во  прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето. Запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.

Институција која ја дава услугата

Училиштето каде што се запишува детето.

Потребна документација

  1. Потврда за примените задолжителни вакцини на детето издадена од здравствена установа;
  2. Kопија од извод од матична книга на родени;
  3. Kопија од лична карта на еден родител;
  4. Потврда од систематски преглед од овластена стоматолошката амбуланта овластена во подрачјето кај што се наоѓа училиштето

Дополнителни информации

Дополнителни информации за услугата можете да најдете на веб-сајтовите на локалната самоуправа.

Конкурсот за ученички стипендии, во зависност од видот на стипендијата, ги содржи конкретните услови, бројот и висината на стипендиите, како и роковите за доделување на стипендиите и начинот на пријавување.

Институција која ја дава услугата

Барање за добивање на ученичка стипендија се поднесува електронски или по пошта препорачано до Министерството за образование и наука на адреса: ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, зависно од стипендијата. Пријавувањето се врши електронски а дополнителните термини и прашања можат да се достават електронски на konkursi@mon.gov.mk или на телефонскиот број 02 3 140 147.

Потребна документација

Документите кои се поднесуваат при аплицирање за ученичка стипендија се наведени во Конкурсот за доделување стипендија, во зависност од видот на стипендијата.

Вообичаено, за да добие стипендија, ученикот треба да приложи докази дека ги исполнува следниве услови:

  • да е државјанин на земјата,
  • да е редовен ученик во средното образование,
  • да има остварен успех во образованието,
Во зависност од видот на стипендијата, ученикот треба да докаже дека ги исполнува и специфичните услови:
  • неповолна материјалната состојба на потесното семејство или
  • да има освоени награди/дипломи на државни/меѓународни натпревари или
  • да има доказ дека е ученик со посебни образовни потреби или
  • да има доказ дека е дете без родители.

Дополнителни информации

Повеќе информации за услугата можете да најдете на: http://www.mon.gov.mk/index.php/konkursi

Ученик од основно училиште има право на бесплатен превоз до училиштето ако неговото место на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште.

Ученик во средно училиште има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри од јавното средното училиште во кое ученикот е запишан и ја посетува наставата, и ако избраната струка и профил не е застапена во општината во која ученикот живее, како и ако ученикот не се смести во ученички дом. Како исклучок, ако во општината во која живее ученикот при запишувањето во прва година на образование се пополнети сите места во училиштето, односно училиштата во општината, ученикот има право на бесплатен превоз до јавното средно училиште во друга општина во кое е ученикот запишан, ако местото на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри.

Учениците со посебни образовни потреби и лицата за нивна придружба имаат право на бесплатен превоз без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење.

Институција која ја дава услугата

Основните и средните училишта

Дополнителни информации

За дополнителни информации обратете се во училиштето каде што е запишан ученикот.

Право на престој во ученичките домови има секој ученик што учи надвор од местото на живеење. Услови за ученикот да биде примен во јавен ученички дом се:

  • Ученикот да биде државјанин на Република Северна Македонија,
  • Ученикот да биде редовен ученик, запишан на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење;
  • Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз, или училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Доколку ученик не може да се смести во ученички дом, општината од каде што доаѓа ученикот може да организира сместување во приватен ученички дом или семејство.

Запишување и прием во општинските ученички домови се врши по пат на конкурс кој го објавува Министерството за образование и наука во средствата за јавно информирање најдоцна до 31 март.

Институција која ја дава услугата

Јавните ученички домови

Потребна документација

  1. Идентификационен број од успешно пополнета електонска пријава;
  2. Пополнето барање за сместување во ученички дом. Формуларот за барањето можете да го најдете на овој линк;
  3. Потврда од училиштето за средно образование дека кандидатот е редовен ученик;
  4. Копии од свидетелства за завршено образование од претходните учебни години (учениците кои се запишуваат за прв пат во задолжителното средно образование доставуваат копии од свидетелствата од VI, VII, VIII и IX одделение);
  5. Изјава од родител-старател на ученикот за бројот на членови во семејството. Формуларот за изјавата можете да го најдете на овој линк;
  6. Потврди за сите остварени приходи на членовите во семејството (потврда за последно исплатена месечна нето плата, последен чек од пензија или решение за остварување на правото за користење на социјална помош), умреница за починат родител, доколку се невработени родителите да достават потврда од Агенцијата за вработување од надлежната општина;
  7. Потврда за брат/сестра (доколку е ученик/студент се доставува потврда од училиште/ факултет, доколку се вработени се доставува потврда од Агенцијата за вработување од надлежната општина, за предучилишна возраст се доставува копија од извод на родените);
  8. Медицинска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на ученикот;
  9. Изјава од родител-старател на ученикот дека во целост ќе ги подмири трошоците за евентуално направените штети од страна на ученикот. Формуларот за изјавата е достапен на овој линк и
  10. Копија од уверение за државјанство на Република Северна Македонија.

За редовните ученици запишани во спортска академија:

  1. Идентификационен број од успешно пополнета електонска пријава;
  2. Пополнето барање за сместување во ученички дом. Формуларот за барањето можете да го најдете на овој линк;
  3. Потврда од Спортската академија дека е редовен ученик (за ученици од втора, трета и четврта година средно образование, а учениците кои се запишуваат за прв пат во спортска академија оваа потврда ќе ја достават по уписот во спортската академија);
  4. Изјава од родител-старател на ученикот дека во целост ќе ги подмири трошоците за евентуално направените штети од страна на ученикот и
  5. Доказ за државјанство на Република Северна Македонија.

Дополнителни информации

За дополнителни информации посетете ја оваа веб-страница

Запишување во прва година средно училиште се врши во: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование - четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби. Запишувањето во јавните средни училишта се одвива врз основа на предвидени правила во интерните огласи кои се објавуваат на јавно место во училиштата во април секоја година, а во рамките на вкупниот број на ученици и паралелки утврдени со годишен Конкурс за запишување ученици во средното образование што го објавува Министерството за образование и наука.

Институција која ја дава услугата

Министерството за образование и наука и средните училишта.

Потребна документација

  • пријава за запишување (пријавата за запишување ученикот ја подигнува од училиштето во кое ученикот сака да се запише и истата е бесплатна);
  • оригинални свидетелства од VI до IX одделение;
  • дипломи, (доколку имаат) од освоени (I, II и III) места од меѓународни и државни натпревари од мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје;
  • извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).
Учениците при пријавувањето во спортската академија треба да достават и потврда за способности за спортски вештини за спортот за кој ученикот е проверуван.

Критериуми за избор на учениците се:
  • среден успех на ученикот, од VI до IX одделение,
  • среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката),
  • дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје и средна вредност од поени добиени за поведение.
Ученикот по сите критериуми утврдени со конкурсот може да добие најмногу 80 поени.

Дополнителни информации

Детални податоци за слободни места во сите јавни средни училишта во државата, како и информации за потребните документи и условите и критериумите за упис можат да се најдат на веб-сајтот на Министерството за образование и наука.