Оваа алатка беше изработена во рамките на проектот „Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги“. Служи за: а) информирање на граѓаните за потребните документи, трошоци, контакт информации за добивање на одредена административна јавна услуга, б) оценка за задоволството и квалитетот при испораката на административните јавни услуги, в) известување за новости и измени при давањето на административните услуги. Оценувањето на услугата е анонимно и се врши за времето на испораката, односот на службениците, информациите што се дадени од институциите за постапката за добивање на јавната услуга, како и функционалноста на платформите за е-услуги. Корисниците можат да остават и коментар со кој подетално би го опишале своето искуство и задоволство при испораката на јавната услуга.

За проектот

Основната цел на проектот е да се зајакне вклученоста на граѓанското општество во спроведувањето на реформите на јавната администрација како приоритетен реформски процес за пристапувањето кон Европската Унија. Со активностите на проектот беше спроведено истражување за задоволството на граѓаните од испораката на јавни услуги, беше даден придонес кон националниот Каталог за јавни услуги со анализа на релевантното законодавство и внесување податоци во Каталогот, и беа подготвени препораки за подобро приспособување на  давањето на јавни услуги кон потребите и барањата на граѓаните во согласност со најдобрите практики од Унијата. Исто така, беше формирана мрежа од 20 граѓански организации ширум земјата кои работат на подобрување на јавните услуги. Проектот „Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги“,  финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје, е спроведуван од Центарот за управување со промени и Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит.